Деца со попреченост и ученици од основното, средното и високото образование изминативе месеци учествуваат во креативните работилници во Чифте амам, објектот на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), како дел од проектот „ Замисли желба“.
Станува збор за креативни работилници за изработка на лампиони и други декорации од мали парчиња текстил кои се остатоци од кроење или се неупотребливи од други причини. Материјалите за изработка на лампионите како и други помошни материјали, овој пат беа донирани од модната куќа „Бела“. Истите се реупотребуваат, редизајнираат и се претвораат во оригинални и необични креации каде секое од децата се изразува на свој и уникатен начин.
„Во годината што изминува и која полека си ги пакува куферите со сите наши достигнувања, помали и поголеми, успеси мали и големи, паѓања и станувања ние само станавме посигурни и поискусни во она што го работиме, но и посвесни и поодговорни за светот околу нас. Проектот е значаен бидејќи има еколошки пристап кон дизајнот и претвора нешто старо во нешто сосем ново и впечатливо. Покрај еколошката, проектот има и високо општествена свест.
Идејата е, учениците со попреченост да соработуваат со децата од редовната настава и во таа насока да другаруваат, да се запознаат едни со други и да споделат моменти на среќа, љубов, хармонија и креативност. Од вредните раце на учениците ќе произлезат голем број лампиони и новогодишни декорации кои потоа би требало да бидат прикажани пред пошироката јавност во вид на организиран базар“, вели координаторката Маја Димитрова.
Во проектот учествуваат : Дневен центар за лица со Даунов синдром, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Лирија“, ОУ „Хасан Приштина“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Братство“, гимназиите „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“ (паралелката за меѓународна матура), „Никола Карев“, „Св Наум Охридски“, Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн, Педагошкиот факултет „Св.Наум Охридски“ и Универзитетот „Мајка Тереза“.
Со овој проект, велат од Националната галерија, се поттикнува учеството на бизнис заедницата, да ги откупат декорациите, а средствата да бидат наменети во хуманитарни цели за „Фондацијата Марко Божиновски“, .чија цел е да обезбеди спортска содржина за деца и млади од социјално-маргинализирани средини да имаат можност да се вклучат во светот на спортот.
Б. НЕСТОРОСКА