ТИМ ОД ВАШИНГТОН ПРИСТИГНА ПОАГРЕСИВНО ДА ИСТРАЖУВА КОРУПЦИЈА И КАЈ СЕГАШНИ ФУНКЦИОНЕРИ

    ТИМ ОД ВАШИНГТОН ПРИСТИГНА ПОАГРЕСИВНО ДА ИСТРАЖУВА КОРУПЦИЈА И КАЈ СЕГАШНИ ФУНКЦИОНЕРИНа правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот, кажа американската амбасадорка Агелер (Фото: СДК.МК)

    Тимот за санкции од САД пристигна во Македонија за да изврши увид во бившите и сегашните корумпирани функционери, по што ќе следува и соодветен одговор, објави американската амбасадорка Анџела Агелер на Твитер.

    „Тимот за санкции од Вашингтон е тука заради поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, напиша Агелер на Твитер.

    Ова следува неколку дена откако Габриел Ескобар, заменик-помошник на државниот секретар на САД, изјави дека американските санкции за корумпираните политичари од Балканот имаат ефект и дека САД ќе продолжат со санкционирање корумпирани функционери од регионот.

    На 11 април годинава, Стејт департментот и американското министерство за финансии ги санкционираа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков како одговор на нивното учество во значајна корупција. Како што соопшти тогаш Стејт департментот, нивните дела ги поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси и ја еродираат јавната доверба во владата. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, на црна листа ги стави членовите на нивното потесно семејство.

    Уште на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот на 29 јули, по номинацијата од Џо Бајден за амбасадорка во Македонија, Агелер кажа дека ќе ѝ помогне на Македонија да развие стратегија за поефикасна борба против корупцијата. Рече и дека ќе работи на поддршка на земјата да стане поотпорна на штетни влијанија од трети страни, посочувајќи ги Русија и Кина.

    „САД и Северна Македонија делат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото и зајакнувањето на доброто владеење. Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери“, кажа таа пред Сенатот.

    Осум дена откако ги предаде акредитивните писма кај претседателот Стево Пендаровски, на 20-годишнината од формирањето на Антикорупциската комисија, повика „да се ​​обврземе сега да ја идентификуваме и да бараме одговорност за корупцијата каде и да постои, како и одговорност од корумпираните актери“. Таа рече дека борбата против корупцијата во Македонија ќе ја направи приоритет на Амбасадата на САД, затоа што корупцијата ја кочи оваа земја од многуте успеси што може да ги постигне.

    „Ги видовме иницијативите на ДКСК за отворање кривични предмети против јавни функционери за коруптивни дела. Слушаме што се случува зад сцената за да се манипулираат назначувањата на клучни позиции. Читаме за профитабилни тендери кои одат кај фирми со политички или лични врски. Затоа, да се обврземе сега, јавноста, политичарите, владините службеници, да ја идентификуваме и да бараме одговорност за корупцијата и да бараме одговорност од корумпираните актери. Неказнивоста мора да заврши“, рече амбасадорката на САД.

    Тогаш таа јасно му даде до знаење на присутниот државен врв на свеченоста дека пријателството не е само договор и кажување на пријателот тоа што сака да го чуе.

    „Една неодамнешна анкета покажа дека корупцијата е главната причина поради која младите сакаат да ја напуштат Северна Македонија, порака што ја слушнав во разговорите што ги имав откако се вратив овде пред девет дена. На младите овде им треба и заслужуваат земја во која успехот се заснова на талент и напорна работа, а не на политика или на кого го знаете“, рече амбасадорката.

    Во тие десет дена од стапувањето се случи скандалозниот избор на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази од Гостивар, не само поради неговите исклучително блиски релации со врвот на владејачката ДУИ, туку и поради гласањето на сите обвинители од државата како војска под наредба, кои го избраа Абази без да го познаваат и без да ги знаат неговите резултати во работата  како виш јавен обвинител на Гостивар.

    На 18 ноември, на новинарско прашање, амбасадата на САД изјави дека резултатите од гласањето на обвинителите се збунувачки.

    „Ние во Амбасадата на САД секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор, во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет, низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“, кажаа од амбасадата.

    Абази остана на чело на најважното обвинителство за борба против корупцијата, од каде со месеци нема нови истраги и обвиненија за организиран криминал и корупција против сегашни или поранешни носители на јавни функции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира