Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов смета дека приватните превозници не треба да го блокираат Скопје туку да протестираат кај тие што им го креирале проблемот. Пенов кажа дека од кавгата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозници штетата ја трпат граѓаните кои не можат да стасаат на работа, на лекар или во училиште.
„Преголема штета трпат граѓаните поради некакво самоволие кое е присутно на улиците во Скопје. Ние доаѓајќи кон Струмица, едвај излеговме од Скопје. Протестот треба да биде насочен кон тие што го креирале проблемот, вака штетата ја плаќаат граѓаните. Секој вози по половина час повеќе, се троши гориво, се губат работни часови, се губат бизниси, што е огромна штета за граѓаните.“, кажа министерот Пенов кој денеска беше во посета на Општина Струмица.
На новинарско прашање дали Министерството за локална самоуправа ќе преземе нешто да се реши проблемот бидејќи Арсовска нема намера да им го исплати долгот, Пенов рече дека не може да каже кои мерки ќе се преземат, но ја следат ситуација.
Главниот град втор ден е блокиран. Автобусите на приватните превозници деноноќно стојат на крстосниците кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и на Илинденска кај Влада. Велат дека нема да се повлечат додека не им се исплати бараме дел од долгот и најавуваат проширување на блокадите и на други крстосници што ќе значи парализирање на Скопје.
А. АНТЕВСКА