Русија и САД договорија размена на затвореници, која ги вклучи американската кошаркарка Бритни Грајнер и озлогласениот руски трговец со оружје Виктор Боут. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Грајнер е на безбедно и веќе патува со авион за САД.
„Мило ми е што можам да кажам дека Бритни е добро расположена. Сега ѝ требаат време и простор за заздравување“, изјави Бајден.
Една од најдобрите кошаркарки на сите времиња беше уапсена на аеродромот во Москва во февруари за поседување масло од канабис, за што беше осудена на девет години затвор. Од минатиот месец се наоѓаше во казнена колонија.
Администрацијата на Бајден ја предложи размената во јули, свесна дека Москва долго време го бараше Боут. Сепак, САД не успеа да издејствува ослобода за уште еден Американец, Пол Вилан, извршен директор на корпоративна безбедност од Мичиген, затворен во Русија од декември 2018 под обвинение за шпионажа за кое неговото семејство и американската влада велат дека е неосновано. Oбјавуваjќи го ослободувањето на Грајнер, Бајден рече дека САД „не заборавиле на Пол Вилан“ и „никогаш нема да се откажат“ од обидот да обезбедат негово ослободување од Русија.
И руското министерство за надворешни работи ја потврди размената и откри дека се случила на аеродромот во Абу Даби.
„Рускиот државјанин е вратен во својата татковина“, соопшти Москва.
Бајден ја потпиша наредбата за ослободување на Боут, кој отслужи половина од 25-годишната затворска казна во САД.
Наречен „трговец на смртта“, Боут со години им продавал оружје на воени лидери и недемократски влади, поради што стана еден од најбараните луѓе на светот. Тој беше уапсен во 2008 во хотел во Бангкок и две години подоцна беше екстрадиран и затворен во САД под обвинение дека поддржувал терористи.