Комитетот на министри на Советот на Европа ги повика властите во Бугарија да почнат да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија. Комитетот на министри изминатите три дена ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур и меѓу нив донесе одлука и за македонските здруженија во Бугарија, кои што веќе 16 години ги добиваат случаите против Бугарија.
„Го осудуваме фактот што и покрај усвојувањето на времената резолуција во 2020 година и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата финална пресуда од оваа група, на здруженијата кои имаат за цел да остварат признавање на македонското малцинство продолжува рутински да им се одбива регистрација главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и се соочуваат со постојана пракса од страна на властите кои наоѓаат нови основи за одбивање иако документите за регистрација се неколку пати разгледувани“, се вели во одлуката на Комитетот на министри за случаите: ОМО Илинден и други против Бугарија од 2006 година, ОМО Илинден и други против Бугарија од 2011 година, ОМО Илинден и други против Бугарија од 2018 година, Јордан Иванов и други против Бугарија од 2018 година, Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија и Радонов против Бугарија од 2020 година и Василев и Друштво на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор против Бугарија од 2020 година.
Понатаму во одлуката, Комитетот на министри ги повика конкретно бугарската Агенција за регистрација и надлежните судови да постапуваат согласно членот 11 од Европската конвенција за човекови права, кој што предвидува слобода на здружување без ограничувања.
„Ги повикуваме властите да ги преземат сите потребни мерки за да се усогласат со времената резолуција од 2020 година и последователните одлуки, посебно да осигураат дека секое ново барање за регистрација од страна на здруженијата ќе биде разгледано во согласност со членот 11 од Европската конвенција за човекови права и со обврска да им се дадат инструкции за исправка на документите за регистрација. Агенцијата за регистрација и надлежните судови да не одбиваат регистрација на здруженија кои што имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија“, се вели во одлуката.
Комитетот на министри ќе продолжи со испитување на овие случаи и на состанокот во септември 2023 година.
Комитетот на министри е составен од министрите за надворешни работи на земјите членки на Советот на Европа и е задолжен да го надгледува спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.