Бутикот во стакленик за летна тераса на улица Македонија во најстрогиот центар на Скопје и понатаму работи. И покрај тоа што нема дозвола да продава облека на јавна површина и од Општина Центар му е пратено решение за уривање, сопственикот и понатаму си тера бизнис, а Општината не го урива.
Од Општина Центар велат дека бутикот во летна тереса ќе се урива догодина со новиот тендер за отстранување на дивоградби.
„Парите предвидени со тендерот за уривање дивоградби за оваа година се потрошени. Со новиот тендер кој ќе биде распишан после Нова година ќе биде отстранет и овој објект“, велат од Општина Центар.
Јавна површина може да се користи за летни тераси на кафулиња, но не и за бутици и продавници. Газдите на локалите за да добијат дозвола да заградат дел од јавна површина треба да достават елаборат до Град Скопје односно во Општина Центар ако локалите се во Дебар Маало. Во елаборатот се наведува колку простор ќе се зафати, односно колку маси и столици ќе има, а притоа треба да биде оставен простор најмалку од 2,5 метри за движење на пешаци. Откако елаборатот ќе се одобри се одредува комунална такса која изнесува 15 денари за метар квадратен од ден.
Сопственикот на бутикот не може да има дозвола и не може облеката да ја продава на јавна површина, но иако поранешната застаклена летна тераса веќе два месеца е претворена во продавница на плочникот од главната пешачка улица во Скопје, тоа никој не го забележа додека САКАМДАКАЖАМ.МК не објави текст и не постави прашања во Општината зошто се дозволува ваква узурпација на јавна површина.
А. АНТЕВСКА