УДЕЛОТ НА МОЈАТА СОПРУГА ВО КОМПАНИЈА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА Е ОД ПРЕД ДА СТАПАМ НА ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ

    УДЕЛОТ НА МОЈАТА СОПРУГА ВО КОМПАНИЈА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА Е ОД ПРЕД ДА СТАПАМ НА ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА, ВЕЛИ КОВАЧЕВСКИ„Тоа е нејзина инвестиција која што ја има направено со сопствени средства“, рече Ковачевски. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека уделот од илјада евра на неговата сопруга Елена во компанија за производство на струја не е од сега, туку од пред тој да стане премиер. Тој додаде дека тоа е нејзина инвестиција, направена со нејзини сопствени средства и уделот е уредно пријавен во неговиот анкетен лист.

    „Тоа е јавно достапен податок и тоа може да се види од мојот анкетен лист каде што е пријавен уделот на мојата сопруга. Тоа не е од сега, тоа е уште пред да стапам на функција на претседател на владата. Согласно законот за трговски друштва и законската регулатива, секој граѓанин може да инвестира свои сопствени средства, како што таа има инвестирано свои сопствени средства. Тоа е пријавено во сите надлежни институции и во Антикорупциската комисија со сите потребни податоци и детали и сите тие податоци се јавно достапни. Тоа е нејзина инвестиција која што ја има направено со сопствени средства“, рече Ковачевски на прес-конференција во владата, одговарајќи на новинарско прашање.

    Вчера, А1он објави дека сопругата на премиерот, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која што е една од петтемина сопственици. Компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1.8 мегавати со фотоволтаици.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира