Дванаесетмина млади доктори на оглас конкурирале за вработување во Брзата помош во Кочани. Од нив, десетмина се јавиле да полагаат стручен испит пред тричлена лекарска комисија, која врз основа на оценките во дипломите, испитите по странски јазик и стручниот испит изготвила ранг-листа, од која првите шестмина влегуваат во конкуренција да бидат вработени во оваа служба во Кочани.
Но, на големо изненадување на кандидатите и лекарската комисија, директорот на болницата во Кочани, Александар Серафимов, составил свој список на кандидати за вработување, на кој ги нема кандидатите кои од лекарската комисија биле трето и шесторангирани, а на нивно место се ставени кандидатите кои на ранг-листата биле на седмо и осмо место и имале 18 до 20 поени помалку од подобро рангираните.
„Ако последниот збор го има директорот, тогаш зошто постојат селекциони комисии, чии избори се засновани врз оценките и поените од стручниот испит. И членовите на комисијата и ние оштетените кандидати сме деградирани и дискриминирани и сме биле непотребно малтретирани со тестирањата“, вели оштетениот млад доктор Стојан Лазаров, кој бил трет на првичната ранг-листа, но го нема во одлуката на директорот.
И вториот оштетен доктор Андреј Коцев е револтиран од ваквите манипулации и неправди и вели дека не му преостанува ништо друго освен да поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос во втор степен.
Но, тие велат дека ќе поднесат приговори и известувања и до Министерството за здравство и до сите останати надлежни институции, органи и тела во Македонија. Од директорот бараат да ја преиначи неговата одлука со нова и правно издржана, која ќе се заснова на ранг-листата на селекционата комисија.
Зошто е донесена сосема поинаква одлука, од директорот Серафимов не добивме одговор, и покрај нашите обиди за контакт. Тој беше недостапен и за други случаи во Кочанската болница, од кои последниот беше нападот на медицинска сестра врз три колешки во Одделот за радиологија, за што е поднесена и пријава до СВР Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ