Бројот на луѓе во Германија кои моментално се борат со болест или инфекција достигна историски димензии, изјави Кристијан Карајанидис, претседателот на Германското здружение на лекари од интензивна нега и итна служба.
„Стапката на болни низ целата земја е екстремно висока моментално. Никогаш не сум видел вакво нешто“, кажа Карајанидис.
Во многу региони, зафатени се речиси сите кревети на интензивна нега, но Карајанидис додава дека коронавирусот веќе не е главниот проблем.
„Во моментов се бориме со широк спектар на болести, како грип, ковид-19 и разни респираторни заболувања, плус вообичаени итни случаи. Се надевам дека претстојните празници ќе придонесат за одредено растоварување на болниците“, вели Карајанидис.
Покрај зголемениот број пациенти, германските болници се соочуваат и со недостиг на бројни лекови. Карајанидис ја повика државата да го забрза производството на некои лекови и да создава залихи.
„Загрижувачки е што држава како Германија се соочува со недостиг на лекови вака долг период, што е особено забележливо оваа година, кога имаме толку многу инфекции“, рече тој.