Четириесет и осум социјално загрозени семејства од Пробиштип денеска почнаа да се вселуваат во своите нови домови, во становите од зградата што се изгради во изминатите неколку години.
„Не ни се верува, мислевме дека е шега, ама сега кога се уверивме, мислиме дека сме повторно родени. Среќни сме што ова ни се случува на овој голем ден, Свети Никола“, рекоа задоволните станари кои досега немале речиси никакви услови за живот.
Зградата има површина од 2.700 квадратни метри, а становите се од 35 до 45 квадрати. Два стана добија семејства со лица со посебни потреби.
Клучевите од становите ги врачија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Претходно се изврши прелиминарна распределба, а потоа стручни лица на терен извршија уште една контрола на целиот процес на распределба. Наскоро, клучевите од своите станови ќе ги добијат и социјално загрозени семејства во Свети Николе“, најави Бочварски.
Т. ЈОВАНОВСКИ