Поранешниот директор на Јавното претпријатие „Водовод“ во Битола, Горан Козаров, е првиот директор на новоформираниот правен субјект на ЕСМ, ДООЕЛ Топлификација Битола. Во негова надлежност ќе биде изградбата и одржувањето на топловодот, како и дистрибуцијата на топлинска енергија од РЕК Битола до градот Битола и околните населени места. Топловодот, идеја која постоеше уште од пред 40 години, почна да се гради пред една година. Досега се изградени 15 километри од трасата, со што топловодот стигна на влезот на Битола.
„Овој проект е од големо значаење за Битола, проект кој пред 40 години кога се формираше РЕК беше само идеја и желба на инженери, а денес сме сведоци дека тоа станува реалност и за брзо граѓаните ќе го почувствуваат бенефитот. Ќе се одвива во три фази, првата е со поставување на примарна и секундарна мрежа, а втора со одземач на топлината, генератор и затоплувач и трета фаза се потстаниците. Ова е еден од најзначајните проекти за градот Битола во поново време“, рече Козаров.
Според одговорните во ЕСМ, топловодот се гради со забрзан интензитет, а првите количини топлинска енергија се очекува да бидат испорачни до потрошувачите во 2025.
„Топловодот има економски и еколошки бенефиот. Ќе обезбеди топлинска енергија за 35 институции кои се предвидебни во прва фаза и делот на станбените единици за кои сметките на греење преку зима, според мое мислење, ќе се преполоват. Во тек е физибилити студија за изградба на гасна когенеративна централа во РЕК која ќе биде супституција за двата блока со сила од 250 до 400 мегавати и ќе произведува и електрична и топлинска енергија за да се задоволи конзумот“, рече Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.
Претходно беше предвидено топловодот да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, но од ЕСМ направија измени на проектот со цел тоа да биде еколошки енергенс. Со топлификацијата ќе се заштити и животната средина, зашто дел од граѓаните ќе можат да се греат на топлинска енергија наместо на дрва, а ќе овозможи и загревање на оранжериите во Пелагонија. Предвидено е топловодот да има крак за Битола, Новаци и Могила.
„Очекуваме потешкотии кога ќе стигнеме во градот, на делот од трасата која била предвидена пред десетина години, а веќе има изградени дивоградби и легализирани објекти. Затоа, многу важна е поддршката на локалната самоуправа и градоначалникот за сите заедно да вложиме максимум овој проект што побрзо да се спроведе“, рече Ковачевски.
Треба да се направи истражување на топловодната мрежа која веќе ја има градот Битола во некои населби како дел од старата Топлификација за централните греења во станбените објекти, која отиде под стечај пред повеќе години. Ако мрежите се финкционални и можат да се искористат, тоа ќе значи намалување на трошоците.
Проектот Топлификација АД ЕСМ го реализира со кредит од германската КфВ банка во вредност од околу 40 милиони евра, а дополнително компанијата инвестира 7 милиони евра сопствени средства.
Ж. ЗДРАВКОВСКА