Владимир Путин призна дека ситуацијата во четирите украински региони што Русија неодамна ги анектираше е крајно тешка и им нареди на безбедносните служби да го засилат надзорот за да се обезбедат руските граници.
Тој ги даде овие коментари по повод Денот на безбедносните служби, при што ѝ нареди на Федералната безбедносна служба (ФСБ) да го засили надзорот во руското општество и на границите на земјата, со цел да се борат против појавата на нови закани од странство и домашните предавници.
Во ретко признание дека инвазијата на Украина не се одвива според планот, Путин предупреди дека ситуацијата во новоанектираните украински региони е тешка и му нареди на ФСБ да ја осигура безбедноста на луѓето кои живеат таму.
„Ситуацијата во народните републики Доњецк и Луганск и во регионите Херсон и Запорожје е крајно тешка“, кажа Путин.
Тој вчера ја посети Белорусија за првпат од 2019 година, но на прес-конференцијата по средбата со Александар Лукашенко едвај ја спомна Украина. Киев стравува дека оваа посета имаше за цел повеќе да ја вовлече Белорусија во војната во Украина, па најави дека ќе ја засили својата граница кон Белорусија со војници и муниција.
„Ги засилуваме нашите дефанзивни линии долж целата граница со Русија и Белорусија“, изјави заменик-министерот за внатрешни работи Јевхен Јенин.