БИЗНИСМЕНОТ ЦВЕТАН ПАНДЕЛЕСКИ И УШТЕ ДВАЈЦА СОРАБОТНИЦИ ОБВИНЕТИ ЗА ПЕРЕЊЕ 4 МИЛИОНИ ЕВРА, ОТКАКО МИЈАЛКОВ, КАМЧЕВ И ДРУГИТЕ ПРИЗНАА ВИНА И ВРАТИЈА ОКОЛУ 30 МИЛИОНИ ЕВРА

    БИЗНИСМЕНОТ ЦВЕТАН ПАНДЕЛЕСКИ И УШТЕ ДВАЈЦА СОРАБОТНИЦИ ОБВИНЕТИ ЗА ПЕРЕЊЕ 4 МИЛИОНИ ЕВРА, ОТКАКО МИЈАЛКОВ, КАМЧЕВ И ДРУГИТЕ ПРИЗНАА ВИНА И ВРАТИЈА ОКОЛУ 30 МИЛИОНИ ЕВРАПред да признаат вина Мијалков, Камчев и Јосифовиќ, обвинителката за организиран криминал Лиле Стефанова вршеше истрага врз 19 лица. (Фото: СДК.МК)

    По севкупно спроведената истрага за случајот „Империја“ која траеше над три години, а во која беа опфатени 19 лица, обвинителката за организиран криминал и корупција Лиле Стефанова денеска поднесе обвиненија против Цветан Панделески и уште двајца преостанати соработници кои не признаа вина.

    Тие се товарат дека со злоупотреба на службената положба, со перење пари и со измама, го оштетиле Буџетот за 4 милиони евра.

    Претходно, главните обвинети: Сашо Мијалков, Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ признаа вина и по склучената спогодба со ОЈО за организиран криминал, добија пресуди, а им беше конфискуван и нелегално стекнатиот имот со злоупотреба, перење пари и измама.

    Прв призна Камчев, кој доби една година затвор и конфискација на 5 милиони евра стекнати од кривичните дела. Тој веќе е на слобода.

    Мијалков по признанието доби три години затвор и наредба за конфискација на имот вреден околу 30 милиони евра.

    Камчев, Мијалков и Јосифовиќ затворската казна ја издржуваа(т) во затворот од отворен тип во Струга, откако адресата на живеалиштата ја сменија од Скопје, во Охрид.

    Мијалков има уште од казната.

    Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, Панделески, второобвинетиот и едно веќе осудено лице, во периодот од мај до август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал. По претходен договор, со умисла помогнати  од сведок – соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, тие прибавиле значителна имотна корист во износ од 4.000.000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и на 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, Панделески и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро сметки на други правни лица.

    Во периодот од октомври 2013 година до јануари 2014 година двајца сведоци – соработници на правдата, заедно, како соизвршители со прво и третообвинетиот, со намера за себе и за друг да прибават значителна противправна имотна корист, довеле во заблуда едно физичко и едно правно лице. Со цел по пониска цена да ги земат акциите што во друго правно лице ги поседувале оштетената и оштетеното правно лице, лажно прикажувајќи факти ја довеле во заблуда оштетената да преземе дејствија со кои нанела значителна имотна штета од 283.591.535,00 денари на себе си и правното лице за сметка на акциите што ги поседувале и што биле продадени на физички и правни лица за износ од 433.592.465,00 денари.

    Откако со извршување на кривичното дело Измама била прибавена корист за правно лице во кое еден од сведоците на правдата бил сопственик и управител, за да ги прикрие парите дека потекнуваат од кривично дело, по основ на позајмици ги пренел на три правни и едно физичко лице, а потоа уделот од правното лице што го поседувал го пренел на трите правни лица на кои им биле дадени позајмици, па откако имотната корист прибавена со кривичното дело им била исплатена како дивиденда од по 107.833.000,00 денари, правното лице било пренесено на  оф шор компанија од Белизе и ликвидирано.

    „Паричните средства прибавени од кривично дело и исплатени по основ на дивидендата на правното лице каде членовите на семсјтвото на првообвинетиот биле сопственици, за да се прикрие дека потекнуваат од кривично дело по насоки на првообвинетиот 62.000.000,00 денари по основ на позајмица биле префрлени на неговата лична сметка, а останатите во износ од 45.833.000,00 денари правното лице ги пуштило во оптек за плаќање по разни основи“, се наведува во соопштението како овие 4 милиони евра биле испрани.

    Од досегашните постапки во предметот „Империја“ , освен Обвинителниот акт против три лица произлегоа пресуди за седум лица врз основа на предлог спогодби за признавање на вината.

    Од „Империја“ произлезе и истражната постапка што се однесува за МПМ и е против четири лица, меѓу кои едно лице е сведок – соработник на правдата во друг дел од предметот. Таа е доставена на надлежно постапување во ОЈО Скопје.

    За две лица донесена е Наредба за запирање на истражната постапка врз основа на чл.304 бидејќи за дејствијата што им се ставаат на товар извршени во период 2002-2004 веќе е донесено решение за истата работа од страна на друго обвинителство.

    За едно лице истражната постапка е запрена поради настапување на застареност на кривично гонење.

    „За две лица, меѓу кои е и лице кое за дел од истражната постапка се спогоди со обвинителството, донесена е Наредба за прекин на истрага поради настапување на околности што привремено го спречуваат кривичното гонење, а се однесува на укинувањето на пресудата за предметот „Трезор“, каде против лицето се водеше постапка за предикативното дело на кривичното дело Перење пари , а во овој предмет се овде за перење и други приноси од казниво дело опфатено во овој предмет“, вели ОЈО за организиран криминал.

    За дејствија од 2009-2015 година за три лица меѓу кои се и двајца сведоци – соработници на правдата, биле донесени решенија за непреземање на кривично гонење врз основа на член 44 ст.1 т.3 од ЗКП.

    „Воедно, со одлука на судот, а по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во корист на РС Македонија е конфискуван имот во вредност од 10.676.653,00 евра, а со Обвинителниот акт е доставен и предлог во корист на државата од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292.333.000,00 денари или 4.753.382 евра“, се вели во соопштението.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира