Судиите кои го водат предметот „Титаник 2″ каде се обвинети Сашо Мијалков и поранешни членови на ДИК, реагираат зошто ако директорот на затворот во Струга видел на доставницата: спровод на С.М. за 22 декември (денес), а во наредбата внатре била згрешена бројка 12 место 22, не се јавил во Кривичниот суд да укаже дека настанала печатна грешка. Од струшкиот затвор велат дека доставницата им стигнала со погрешен датум.
- НЕ СЕ ЗНАЕ КАДЕ Е МИЈАЛКОВ – УТРИНАВА НЕ БЕШЕ СПРОВЕДЕН ОД ЗАТВОРОТ ВО СТРУГА ЗА ПОВТОРЕНОТО СУДЕЊЕ ЗА „ТИТАНИК 2“, А БИЛ УРЕДНО ПОКАНЕТ
- УПРАВАТА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ САНКЦИИ ЌЕ НАПРАВИ ВОНРЕДЕН НАДЗОР ВО СТРУШКИОТ ЗАТВОР ВО ВРСКА СО МИЈАЛКОВ
„Чудно е што управата на затворот во Струга не реагирала до Судот кога виделе дека доставницата е насловена со денешен датум, а внатре има грешка. Директорот си ќутел. Не се случило досега при вакви грешки внатре во поканата при пишување, а со назначен правилен датум на доставницата, директор на затвор да не се прејави и да бара корекција”, велат судиите за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Утринава во Основниот кривичен суд Скопје не стигна комбето за спровод од струшкиот затвор со обвинетиот Сашо Мијалков за денешното продолжение на судскиот процес „Титаник 2“, за злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија.
Судот има повратница од затворот во Струга дека таму стасала судската покана за Мијалков кој треба да е таму на издржување на тригодишната затворска казна по признанието на вина во предметот „Империја“.
Во март или април, на Мијалков му застарува делото во „Титаник 2“. Тој ќе биде ослободен од кривично гонење.
Подоцна денеска, од Основниот кривичен суд Скопје стигна соопштение во кое е прикажана и Повратницата од достава на наредба за спровод, примена во затворот на 14.12.2022 година, а на која под графата Евиденција (ЕВ) за време е наведена датата 22.12.2022 година, што е показател за денот кога треба да се изврши спроводот.
Понатаму, од судот велат дека од судската пракса по која се постапува, наредбата може да содржи дата за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи Евидентниот број на повратницата која ја добива Затворот.
„Во однос на објаснувањето на Затворот Струга дека наредбата се однесува за 12.12.2022 година ( кога се одржала последната расправа), особено е важно да се истакне дека Затворот истата ја примил на 14.12.2022 ( евидентно од повратницата) па нејасно е како би ја спровеле наредбата два дена подоцна. Дотолку повеќе што на судењето одржано на 12.12.2022 година во присуство и на обвинетиот, неговите бранители како и спроводната служба од Затворот Струга е нагласено дека следната расправа е насрочена за 22.12.2022 година и сите присутни се сметаат за уредно повикани“, додаваат од судот.
С. К. ДЕЛЕВСКА