Хрватскиот поп пејач Масимо Савиќ почина синоќа на 60 години, објави неговото семејство. Хрватската телевизија пренесе дека Савиќ се лекувал од рак на белите дробови.
„Нашиот татко, сопруг, гордост и љубов Масимо Савиќ почина по кратка, но херојска борба“, напишаа неговата сопруга и ќерка на неговата официјална фејсбук страница.
Масимо Савиќ важеше за еден од највпечатливите и најемотивни вокали на некогашната југословенска музичка сцена. Роден во Пула, кариерата ја почна како фронтмен на њу вејв/синт-поп групата „Доријан Греј“, со која сними два албума во првата половина на 1980-ите, пред да продолжи како соло пејач.
Во соработка со композиторот Зринко Тутиќ сними четири албуми, пред да почне да експериментира со звукот, што резултираше со арт поп, рок и денс проекти.
Савиќ продолжи да снима успешни албуми и во 21. век, со кои остана во самиот врв на хрватската и регионалната музика. Дури девет пати ја освои највисоката хрватска музичка награда „Порин“.
„Масимо кратко беше болен, неговото заминување сите нè изненади“, изјави Лана Чулиг од издавачката куќа „Аквариус рекордс“