Најмалку 28 луѓе починаа во сојузната држава Њујорк, најмногу во Бафало, додека арктичката зимска бура продолжува да ја парализира Северна Америка. Државните власти кажаа дека некои луѓе биле заглавени во своите возила повеќе од два дена, опишувајќи ја бурата како најлоша што ја виделе во животот.
Уште 23 сантиметри нов снег се очекуваат во делови на Њујорк денеска, најавија метеоролозите. Од формирањето на бурата во петокот, во Бафало паднаа 1,2 метра снег.
Досега невидената бура се протега од Канада до мексиканската граница и починаа најмалку 60 луѓе.
Претседателот Џо Бајден потпиша вонредна декларација за да му се одобри федерална помош на Њујорк.
„По малку го гледаме светлото на крајот на тунелот, но не е готово. Ваква бура не сме виделе досега. Допрва ќе го утврдуваме бројот на жртвите. Некои од починатите се пронајдени во нивните автомобили“, изјави Марк Полонкарц, шефот на округот Ири, во кој е сместен Бафало.
Гувернерката на Њујорк, Кејти Хочал, претходно ја опиша состојбата како воена зона.
Метеоролозите предвидуваат дека бурата ќе попушти во следните денови, но и натаму препорачуваат да се избегнуваат сите несуштински патувања.