Струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1 јануари се намалува, а во третиот блок останува речиси иста, со тоа што, според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, во нив спаѓаат 99,2 отсто од домаќинствата во земјата.
Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 отсто, за втор блок за 2,95 отсто, на третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 отсто, а за четвртиот се зголемува за 7,65 отсто.
Во новата цена на струјата од 1 јануари е пресметано и зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто.
“За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ, ги намаливме цените во првиот и вториот блок”, рече Бислимовски, додавајќи дека делумно се прифатени барањата на енергетските компании, како и дека има фактори на корекција кои ги имплементирале во одлуката.
Бислимоски вели дека со овие одлуки, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 отсто, а за дистрибуција за 19,54 отсто.
“Она што е исто така многу битно, во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија. Сега тоа ќе се промени поради тоа што трошокот на дистрибуција на електрична енергија за категоријата каде што се приклучени домаќинствата тоа е ЛВ2 се намалува за 20,6 проценти”, рече Бислимоски.
Намалување има и на цената за малите потрошувачи кај фирмите. Како што кажа Бислимоски, вкупната цена за електрична енергија на малите потрошувачи од 1 јануари се намалува за 20,15 проценти. Таа цена ќе се применува за 70.000 компании во државата кои во изминатиот период се соочуваа со зголемени трошоци. Тоа се мали и микро компании, мали дуќани фризерници, берберници, мали кафулиња…