Едно лице загина во верижен судир на повеќе од 200 возила на мост во кинескиот град Женгжу, објавија медиумите и спасувачите. Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат автомобили и камиони набиени и натрупани едни на други.
„Ова е престрашно. Преполно е со луѓе, не можат да заминат од мостот“, вели еден од учесниците во несреќата во едно од видеата.
Многумина од повредените биле заглавени во своите возила и биле испратени 11 пожарникарски камиони и 66 спасувачи за да помогнат.
Медиумите објавија дека несреќата се случила во услови на густа магла. Видливоста во повеќето области била помала од 500 метри утрово, а на моменти и 200 метри. Спасувачите кажаа дека повеќе од 200 возила се судриле едно во друго. Мостот преку Жолтата Река подоцна бил целосно затворен за сообраќај.