Најбогатите руски олигарси изгубија речиси 95 милијарди долари годинава поради строгите санкции наметнати од западните земји поради руската инвазија на Украина, според Индексот на милијардери на „Блумберг“.
Роман Абрамович, поранешниот сопственик на Челси, е најголемиот губитник, откако неговото богатство годинава се намали за 57 отсто на 7,8 милијарди долари.
Абрамович е еден од првите олигарси кои беа подложени на британски санкции, откако британската влада го обвини дека има врски со режимот на Путин.
Богатството на Генади Тимченко, кој има инвестиции во енергетика и е близок пријател на Путин, се намали за 48 отсто на 11,8 милијарди долари, додека Сулејман Керимов, уште еден пријател на Путин, загуби 41 отсто и падна на 9 милијарди долари.
Британската влада замрзна повеќе од 18 милијарди фунти имот на руските олигарси, а има воведено санкции за над 1.200 лица.