Како резултат на руските напади ноќеска во украинскиот главен град Киев, енергетската инфраструктура е оштетена, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со струја и греење, кажа утринава градоначалникот Витали Кличко.
„Како резултат на ноќното гранатирање на главниот град, енергетската инфраструктура беше оштетена. Имаше вонредни прекини на електрична енергија во градот и како последица на тоа без струја останаа и објектите за снабдување со топлинска енергија“, напиша Кличко на Телеграм.
Тој додаде дека снабдувањето со вода не е засегнато.
Неколку бранови руски дронови ноќеска нападнаа критична инфраструктура во Киев и на истокот на земјата. Тревога за воздушни напади беше вклучена во Киев и ширум источна Украина нешто пред полноќ и траеше неколку часа.