По три дена потрага, најдено е телотo на жената за која се верува дека скокнала во Вардар во Велес. Нејзиниот идентитет е потврден од страна на синот. Станува збор за М.К. (55) од селото Сујаклари.
Полицијата за овој случај имаше кратка објава дека нејзиниот брат на 30 декември ја пријавил за исчезната. Од обвинителството соопштија дека телото ќе биде предадено на обдукција, за да се откријат причините на смртта.
„Напладне, околу 12.20 часот, на еден километар од мостот на Вардар, кај селото Кочилари е пронајден труп од страна на припадниците на специјалните полициски сили „Тигри“. Телото било исфрлено од реката. Три дена ги пребарувавме бреговите на реката која овие денови е со висок водостој. Работевме систематски и темелно, и со опремата, техниката и искуството на специјалците, за два часа се најде безживотното тело“ , кажа Лазар Лазаревски, спортски риболовец, учесник во потрагата.
Освен нив во пребарувањето учествуваа и пожарникари и припадници на полицијата од ПС Велес.
П. ПЕЧКОВ