Средношколките од Скопје лани не добија бесплатни менструални производи иако за оваа намена во Буџетот беа предвидени пари. За да се ублажи проблемот со менструална сиромаштија, советничката во Советот на Град Скопје од ДОМ Теодора Крстевска при носењето на буџетот за 2022 предложи амандман за оваа намена да се предвидат 2 милиони денари (32.000 евра), кој беше прифатен од советниците. Но, одлуката не беше реализирана.
„За жал, градската администрација од само за нив познати причини не ја реализираше одлуката на Советот. И покрај постојаните притисоци одговорот од нивна страна беше игнорантност“, вели Крстевска.
Крстевска годинава при носењето на Буџетот повторно предложи амандман за обезбедување 4 милиони денари (64.000 евра) за менструални производи за девојчињата од средните училишта.
„Советнците и овој пат изгласаа средства за оваа немена. Пари има, сега на потег е градската администрација. Со притисок од сите страни се надевам дека оваа година ќе биде реализирана одлуката“, вели Крстевска.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска повторно, како и во целата прва година од нејзиниот мандат, не добивме одговор на нашето прашање зошто не им беа дадени на девојчињата бесплатни менструални производи.
На први декември лани, премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека средствата за менструална хигиена (влошки, тампони, чашичка и слични производи), ќе имаат повластена даночна стапка од 5 проценти, и рече дека ова е владин придонес во борбата со менструална сиромаштија. Со намалувањето на данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто на производите за менструација ќе се намали продажната цена.
Македонија се наоѓа високо на листата на земји кои не успеваат да управуваат со менструалната хигиена. Петнаесет отсто од девојчињата во земјава користат весници наместо хигиенски влошки за време на менструалниот циклус, поради високата цена на средствата за лична хигиена, покажа истражувањето на здружението Новинари за човекови права и Институтот за јавно здравје.
Истражувањето покажува дека во Македонија нема ниту едно основно училиште или средно училиште во кое тоалетите се адаптирани за управување со менструална хигиена. Во Македонија 90 отсто од ученичките во руралните средини не одат на училиште 4 до 5 дена кога имаат месечен циклус, додека 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат 2 до 3 дена поради истите причини. Истражувањето покажа дека 19 отсто од девојчињата воопшто не купуваат никакви средства.
А. АНТЕВСКА