40 РАБОТНИЦИ ОД ШТИПСКАТА ФАБРИКА „ЈАГЈEМЕЗЛЕР“ ВО НОВАТА ГОДИНА ВЛЕГОА КАКО ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ИЛИ СО ОТКАЗ БЕЗ ПАРИЧЕН НАДОМЕСТ

    40 РАБОТНИЦИ ОД ШТИПСКАТА ФАБРИКА „ЈАГЈEМЕЗЛЕР“ ВО НОВАТА ГОДИНА ВЛЕГОА КАКО ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ИЛИ СО ОТКАЗ БЕЗ ПАРИЧЕН НАДОМЕСТРаботниците протестираа пред Нова година, а по празниците закажаа нов протест и најавија тужби за неисплатените надоместоци што законски им следуваат. (Фото: СДК.МК)

    Пред новата година, четириесетина работници од „Јагјемезлер“, штипската фабрика за деним платно за производство на фармерки, биле прогласени за технолошки вишок или останеле без работа затоа што не им се продолжени договорите. Дел од нив биле пред пензија, дел со решенија за работен однос на неопределено време, но сепак сите завршиле со отказ.

    Тие одржале средба со градоначалникот на Штип, Иван Јорданов кој им кажал дека иако нема ингеренции, сепак ќе се обиде да разговара со раководството на турската компанија сопственик на фабриката. Работниците не знаат дали дошло до таква средба, но тие и покрај сите обиди не успеале да остварат разговор со раководството кое било недостапно, па затоа немаат одговор што се случува во фабриката која е дел од поранешната „Македонка“ која беше лидер за прозводство на деним платно.

    „Годишно произведувавме 2-3 милиони метри деним платно кое целосно оди за извоз. За време на короната бевме една од ретките фабрики која работеше успешно и со полна пареа. Добивавме надници за работа во трета смена срамни 380 деанри, а сега кога не пратија за технолошки вишок не сме исплатени како што треба. К-15 нема, минатата година добивме само 6.000 денари, а за останатите 6.000 денари од лани не тераа да се потпишуваме дека се откажуваме од тој дел. Исто така, не добивме отпремнина,  како што дознаваме сметководството прикажувало дека сме примале хранарина, а ние не знаеме што е тоа“, велат незадоволните работници.

    Тие единствено што дознале е дека фабриката била во долгови најмногу поради високите трошоци за струја, кои изнесувале и до 300.000 евра, а поради неплатени кредити ќе им биле одземени разбоите и целокупниот останат машински парк кој бил ставен под банкарска хипотека.

    Оваа турска компанија која во Штип е присутна од 2008, во 2016 отвори погон за производство на ластик, но по 5 години погонот престана со работа. Сега таква судбина се надвисува и над главниот погон за производство на деним платно, кој од над стотина вработени во новата 2023 се свел само на триесетина работници.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира