БАСОТ ВЛАДИМИР САЗДОВСКИ ЌЕ ПЕЕ НА ПРЕМИЕРАТА НА „БОЕМИ“ ВО ХОНГКОНГ

    БАСОТ ВЛАДИМИР САЗДОВСКИ ЌЕ ПЕЕ НА ПРЕМИЕРАТА НА „БОЕМИ“ ВО ХОНГКОНГ„Боеми“ е опера која често се изведува во овој период околу божиќните празници. - Саздовски (четврти од десно) со колегите на проба пред премиерата. (Фото: Фејсбук)

    Оперскиот пејач Владимир Саздовски на 12 јануари ќе пее на премиерата на операта „Боеми“ од Џакомо Пучини во Големиот театар во Културниот центар на Хонгконг. Саздовски, кој е вработен како бас во Националната опера и балет (НОБ) од 2006, изминативе години настапува во Италија.

    „’Боеми’ од Пучини е опера која често се изведува во овој период околу божиќните празници бидејќи и самото дејство се одвива околу Божиќ. Последниот пат кога настапив во оваа опера беше исто така овој период во 2019, во театарот ‘Сан Карло’ во Неапол, и така и годинава ја започнувам со ‘Боеми’ во улогата на Колин (филозофот), но овој пат во Хонгконг. Настапувам со интернационална екипа, сите сме релативно млади (сепак во операта сме студенти) полни со енергија која не можеме да ја потрошиме цела на сцената, па така што и во слободното време го откриваме Хонгконг кој е прекрасен. Со еден збор поминуваме прекрасно како на сцената така и надвор од неа“, ни изјави оперскиот пејач, додавајќи оти вкупно ќе имаат 4 изведби.

    „Баш ми е мило што токму во овој период сум во Хонгконг бидејќи имав можност да ја прославам Новата година“, вели Саздовски. (Фото: Фејсбук)

    Улогата, како и сите други интернационални настапи била договорена од неговите менаџери, немал аудиција, туку преку видео. Главниот директор на театарот во Хонгконг, Ворен Мок, е оперски пејач и имаат настапувано со Саздовски. Операта неколкупати била презакажувана поради ковид-19.

    „Во моментов, тука сите сѐ уште носат маски и на отворено и на затворено, а исто така ние пејачите сме подлежни и на тестови за ковид што е малку стресно за нас. Досега и на сцената носевме маски кои дополнително ја отежнуваат нашата работа покрај сите тие мерки на претпазливост кои ги имаат. Но, третманот кој го добиваме од одговорните лица е одличен. Односно, не може нешто да ти фали. Сите услови се исполнети“, ни рече Саздовски.

    „Поминуваме прекрасно како на сцената така и надвор од неа“, вели Саздовски. (Фото: Фејсбук)

    Пред пандемијата, Саздовски имаше ангажмани во престижната миланска Скала. Неколку пати почетокот на пробите беа пролонгирани за на крајот да бидат и сосема откажани, односно Скала ја откажа целата сезона, за што бил многу разочаран, бидејќи имал договори за 15 претстави.

    „На 8 март 2020, Ломбардија каде припаѓа и Милано ја ставија во карантин па веднаш купив карта за на 9 март за да се вратам, но летот беше откажан. Но таман кога си реков ‘Заглавив јас во Милано’, најдов лет за Белград па од Белград за Скопје. Е сега кога тргнав накај аеродромот градот беше пуст. Нема коли, нема такси, нема трамвај ,нема метро па пешки се довлечкав до станицата каде што има воз кој оди до aеродромот и за моја среќа тој воз беше во функција. На аеродромот имаше само два лета за Белград и Истанбул“, раскажува Саздовски за проблемите кои ги имал како да се врати дома кога почнаа да се затвораат аерододромите.

    За време на пандемијата имаше неколку настапи со Националната опера и балет, а со работа во странство почнал лани во март,  во Болоња имал 4 претстави на операта „Аријадне“ од Наксос, а во јули операта „Дон Кеко“ во Торино.

    После Хонгконг, ќе настапи во матичната куќа во „Севилскиот берберин“ на 10 февруари и веднаш потоа заминува за Болоња каде ќе настапи во операта „Норма“.

    „Се надевам дека после 2 години маски и изолации работите полека ќе си дојдат на свое место“, вели Саздовски.

     Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира