ЖИТЕЛ НА СТРУШКОТО СЕЛО ЛИВАДА ПРИВЕДЕН ПОРАДИ МАСАКРОТ НА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА ВО СТРУГА

    ЖИТЕЛ НА СТРУШКОТО СЕЛО ЛИВАДА ПРИВЕДЕН ПОРАДИ МАСАКРОТ НА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА ВО СТРУГАПроблемот со уличните кучиња во Струга се провлекува со години (Фото: СДК.МК)

    Шеесет и двегодишен жител на струшкото село Ливада се сомничи дека е сторител на масовното убиство на бездомни кучиња во Струга. Со огнено оружје вчера беа усмртени повеќе од 10 кучиња.

    „Во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга е извршен службен разговор со М. З. (62) од селото Ливада, Струшко. Тој се сомничи дека во периодот од 6:45 до 7:15 часот со огнено оружје усмртил седум кучиња скитници на улицата Владо Малески во Струга. Од него е одземена ловечка пушка сачмарка, калибар 16 милиметри, заради вештачење. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од СВР Охрид.

    Проблемот со уличните кучиња во Струга се провлекува со години, а последните месеци зачестија и нападите врз граѓани. За два дена беше искасана жена пред скалите на градскиот пазар, а потоа повеќе од 20 кучиња нападнаа 14-годишно дете.

    Општина Струга пред неколку дена најави решавање на проблемот со уличните кучиња со хуман третман, односно нивно заловување, кастрација, чипирање и повторно враќање на заловеното подрачје.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира