Цементарница УСЈЕ ги отфрли како неосновани изјавите на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека оваа фабрика во Кисела Вода го загадува воздухот во градот. Од УСЈЕ велат дека емисиите од производниот процес се пониски од дозволените, а на ПМ10 дури и помали од други делови во градот. Арсовска денеска на вонредна прес-конференција изјави дека при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката на 26 и 27 декември минатата година, и 3 и 4 јануари годинава биле забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на воздухот. Таа рече дека презела иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата.
Од УСЈЕ велат дека на 26 и 27 декември лани вакви мерења воопшто не се направени во кругот на фабриката, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со фабриката.
„Имено, вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница УСЈЕ се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди. Мерењата направени на 3 и 4 јануари 2023 од страна на ДИЖС и инспектори за животна средина на Град Скопје во кругот на Цементарница Усје, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисини точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница Усје е дури и помала од други мерни места во градот“, соопшти УСЈЕ.
Од Цементарницата велат дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната еколошка дозвола.
„При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас. Во УСЈЕ редовно се вршат независни мерења од страна на акредитирани лабаратории. Резултатите од досега извршените редовни мерења покажаа дека сите емисии, вклучувајќи ги и емисиите во котларата, се под законски дозволените граници. Последното вакво редовно независно мерење е направено на 28.10.2022 година“, велат од Цементарницата и додаваат дека во континуитет ќе продолжи да ги унапредува сите процеси на работење.
Денеска на прес-конференцијата, прашана дали се казнети и други капацитети и индустрии, Арсовска рече дека има и други казнети, но не кажа кои се тие.