Минатата недела, Пазарната инспекција казнила 56 угостителски објекти и казина во кои се пушело. Како што велат од Државниот пазарен инспекторат, од 10 до 14 јануари биле извршени над 200 инспекциски надзори на територија на цела држава во согласност со надлежностите кои ги имаат од Законот за заштита од пушење.
За време на надзорите утврдени се неправилности, односно непочитување врз основа на член 2 и член 3 од Законот за заштита од пушењето, за што се издадени 56 прекршочни платни налози. Според Законот, казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, а физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект ќе биде казнето со 100 до 300 евра, сите во денарска противвредност.
„Државниот пазарен инспекторат постапува по над 80 закони и подзаконски акти и одлуки донесени од страна на Владата, меѓу кои и Законот за заштита од пушењето. Заради зголемениот број на пријави од страна на граѓаните за пушење во јавните простории, Државниот пазарен инспекторат како и досега така и отсега ќе продолжи со интензивни контроли врз субјектите со цел контрола врз почитувањето на законските одредби. Напомнуваме дека казните се високи, па токму затоа даваме апел и известување до правните субјекти врз кои се врши контролата законот да се почитува, а граѓаните доколку забележат прекршување на овој Закон да го искористат своето законско право поднесувајќи пријава до Државниот пазарен инспекторат“, вели директорот на Пазарната инспекција Горај Трајковски.
Откако СДСМ дојде на власт, во 2018 го смени Законот за заштита од пушење со што се дозволи да се пуши во целосно затворени стакларници кои глумат тераси. Оттогаш никој не го почитува Законот и секаде се пуши. Се пуши не само во кафеанските стакларници кои се цели објекти, а не тераси, туку и во затворените делови на кафулињата, рестораните, во дискотеки, кладилници, казина, па дури и во јавни институции, меѓу кои и болници. Никој не казнува и не води сметка дали се почитува и така олеснетиот Закон за заштита од пушење.
Со првичниот Закон, донесен од власта на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Никола Груевски, терасите не смееја да бидат целосно затворени односно застаклени туку мораше да бидат отворени од едната страна. Но, откако се донесоа измените на Законот, сите кафулиња и кафеани станаа стакларници, кои не личат на тераси туку на цели објекти од цврста градба. Се отвора само покривот и на тој начин повремено се луфтираат објектите. Ниту еден угостител нема инвестирано во поставување соодветна вентилација.
А. АНТЕВСКА