Советникот на украинскиот претседател Зеленски, Олексиј Арестович, поднесе оставка откако беше жестоко критикуван за неговите коментари дека рускиот проектил кој ја погоди станбената зграда во Днепар викендов бил соборен од противвоздушната одбрана. Арестович ја објави својата оставка на Фејсбук и јавно се извини за своите коментари.
Украинските воздушни сили кажаа дека зградата била погодена од руски проектил „КХ-22“ и дека тие немаат опрема за да ги соборуваат.
„Искрено им се извинувам на жртвите и на нивните семејства, жителите на Днепар и на сите кои беа длабоко погодени од мојата прерана погрешна верзија за рускиот ракетен напад“, кажа Арестович.
Тело на дете денеска беше извадено од урнатините на станбениот комплекс во Днепар, со што бројот на загинати порасна на 44. Локалните власти кажаа дека во нападот се повредени 79 луѓе, а 22 станари и натаму се водат како исчезнати.