Шестмина членови на едно семејство се убиени во куќа во Калифорнија, која на полицијата ѝ била позната по активности поврзани со дрога. Властите кажаа дека убиството наликувало на егзекуција во стилот на картели.
Меѓу жртвите се десетмесечно момче и неговата 16-годишна мајка, како и бабата и прабабата на бебето. Куќата во гратчето Гошен, кое има 3.000 жители, била цел на полициска рација минатата недела, при што биле пронајдени марихуана и метамфетамини.
Полицијата соопшти дека се бараат две лица кои се сомничат дека го извршиле масакрот.
„Убиени се шест лица на возраст од десет месеци до 72 години, а три се ранети. Ништо од ова не е случајно. Две тела се пронајдени на улица, а останатите во куќата“, изјави шефот на полицијата на округот Тулар, Мајк Будро.
Според доказите, мајката и бебето бегале од куќата и биле застрелани во глава додека убиецот стоел над нив. ФБИ понуди награда од 10.000 долари за информација која би довела до апсење, при што се надгледуваат границите со Мексико и Канада.