До крајот на неделата ќе има резултати од секвенционирањето на позитивните примероци од ковид-19 и ќе се знае дали во земјава е присутен новиот сој кракен, изјави портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ . Светската здравствена организација (СЗО) смета дека XBB.1.5 или кракен е досега најпренослива верзија на сојот омикрон и најави дека земјите треба да размислат да препорачаат носење маски за ризични ситуации. Се смета дека брзо станува доминантен во делови од САД, а некои експерти се загрижени дека можеби ќе може да го пробие имунитетот од минати инфекции, а можеби и од вакцини.
За моменталната епидемиолошката состојба во земјава д-р Мехмедовиќ рече дека е стабилна, а нема загрижувачки размери ни од респораторните вируси кои циркулираат како вирусни инфекции, инфлуенца и ковид-19. Препорача да се прават тестови за да се утврди дали болните имаат грип или ковид-19.
„За потребите на граѓаните Институтот за микробиологија започна со тестирање, а матичните лекари согласно протоколите, знаат како да постапат во однос на третирање и давање терапија кога е во прашање вирусот на инфлуенца. Ова како дијагностичка процедура во насока на тоа да се утврди дали се работи за ковид-19 или грип и ќе им ја олесни работата на лекарите да знаат која терапија е посоодветна за пациентите“, рече Мехмедовиќ.
Од Комисијата за заразни болести препорачуваат да се користат брзи антигенски тестови, а од Министерството за здравство добиле информација дека ќе бидат доставени такви тестови до здравстевните установи за пациентите да не се изложуваат на дополнителни трошоци.
Иако во државата нема евидентиран случај на морбили, Мехмедовиќ апелираше до родителите да ги вакцинираат децата бидејќи процентот на вакцинирани деца е под потребното ниво од 95 проценти.
Ж. ЗДРАВКОВСКА