Синоќешната тепачка во угостителски објект во Охрид, во која тројца напаѓачи му ја скршиле вилицата на Х.П. , секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, а за која бугарското МНР се истрча и кажа дека ќе поднесе протестна нота до нашата амбасада во Софија, по сè изгледа е дилерско-криминална пресметка.
Во архивата на МВР, тепаниот Х.П. се појавува како лице со кривична пријава, откако охридската полиција на 17 декември нашла кај него кокаин.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П.(22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин“, стои во соопштението на СВР Охрид тој ден.
Но, и тепачите кои сношти му ја скршиле вилицата на дилерот Х.П., ѝ се познати на полицијата во градот. За нив има досиеја дека се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир, во повеќе наврати.
Според очевидци во угостителскиот објект, синоќа околу 22.30 часот во угостителскиот објект најпрво се случил вербален конфликт. Веднаш штом влегле тројцата во локалот, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што овие го извадиле надвор и во свој стил, познат и на полицијата, и на охриѓани, го натепале и му ја скршиле вилицата.
Ни збор не се кажал за политика, за бугарски, за македонски идентитет, за јазик или говор на омраза на таа тема.
- БУЈАР ОСМАНИ ЈА ОСУДИ КАФЕАНСКАТА ТЕПАЧКА ВО ОХРИД И РЕЧЕ ДЕКА НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НАПАДНАТ ПОРАДИ ИДЕНТИТЕТ
- НЕ ПОЛИТИКА, ТУКУ ЛИЧНИ НЕДОРАЗБИРАЊА ОД ПРЕТХОДНО СЕ ПРИЧИНА ЗА НАПАДОТ НА СЕКРЕТАРОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО ОХРИД, ВЕЛАТ ПРВИЧНИТЕ ДОКАЗИ, ПОТВРДЕНИ И ОД ОЧЕВИДЦИ
- БУГАРСКОТО МНР ЌЕ Ѝ ВРАЧИ ПРОТЕСТНА НОТА НА МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДОРКА ЗА КАФЕАНСКА ТЕПАЧКА ВО ОХРИД
- НАТЕПАНИОТ СЕКРЕТАР НА КЛУБОТ „БОРИС ТРЕТИ“ СО БУГАРСКИ ВЛАДИН АВИОН ЌЕ БИДЕ ТРАНСПОРТИРАН ВО БОЛНИЦА ВО СОФИЈА
Без да провери во МВР, министерот за надворешни работи Бујар Османи се налути и најави итно расчистување на случајот, откако бугарското МНР се закани со протестна нота, оти Х.П. бил тепан зашто бил Бугарин.
Со ова, ниту бугарските власти, ниту Османи не ги испочитуваа МВР и обвинителството, глумејќи дека се тие истражни органи. Место да почекаат надлежните органи полицијата и обвинителството да ги утврдат причините за инцидентот, тие заедно ја замешаа политиката.
С. К. ДЕЛЕВСКА