ВО „МОЈ ТЕРМИН“ СЕ ВОВЕДУВА СЕКЦИЈА „ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ“, НА ЕДНО МЕСТО ЌЕ БИДАТ СИТЕ ИСПИТУВАЊА НА ЖЕНАТА

    ВО „МОЈ ТЕРМИН“ СЕ ВОВЕДУВА СЕКЦИЈА „ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ“, НА ЕДНО МЕСТО ЌЕ БИДАТ СИТЕ ИСПИТУВАЊА НА ЖЕНАТАЛекарите апелираат дека е потребно подигање на јавната свест за што помасовна ХПВ вакцинација кај девојчињата и ХПВ примарен скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Националниот систем „Мој термин“ се воведува секција „Женско здравје“, каде ќе бидат внесени сите извештаи од гинеколошките прегледи, како и од ехо на дојка и момографија, кажа денеска д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, на прес-конференцијата на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, Македонското здружение на радиолози и Македонското здружение за патологија.

    „На наше барање, во електронското досие на пациентките ќе биде додаден посебен дел кој што ќе се нарекува ‘Женско здравје’ каде што лекарот кој што ја прегледува пациентката може да ги види на едно место извештаите од гинеколошките испитувања, како и прегледите на дојка, ехо, мамографија и во тек е дополнување на овој модул со секција за следење на ХПВ статусот на секоја жена и каков е нејзиниот вакцинален статус“, кажа Димитров.

    Лекарите на денешниот настан по повод Недела на борба против ракот на грлото на матката, кажаа дека на 100 илјади жени на годишно ниво, според податоците од последните неколку години, 20-21 заболуваат од рак на грло на матка, што е доста висок процент. Потребно е подигање на јавната свест за што помасовна ХПВ вакцинација кај девојчињата и ХПВ примарен скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години. Тие кажаа дека ХПВ тестирањето е статистичка метода со која се покажува дека практично жената којашто има високоризичен тип носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак.

    „Примарен ХПВ скрининг – тоа значи дека на почетокот на одредена популација се земаат примероци од грло на матка и се тестираат за присуство на ХПВ вирусот следено со негова генотипизација односно одредување на генотипот на вирусот, односно дали се работи за ниско или високо ризичен. Повеќе европски земји практикуваат примерен ХПВ скрининг, со тоа што скринингот се спроведува кај жените на возраст од 25 до 65 години. Утврдено е во тој скрининг да не спаѓаат жените од помладата возрасна група од 21 до 25 години бидејќи бројот на инфекции кај таа возрасна група е голем и анализите покажуваат дека најголем дел од тие инфекции спонтано ќе се елиминираат и само во помал процент вирусот ќе премине во интегративна фаза“, кажа професорот Рубенс Јовановиќ.

    Јовановиќ додаде дека на здравствените власти им е даден предлог за спроведување на примарен ХПВ скрининг.

    „Доколку нашиот здравствен систем тргне со примарно ХПВ тестирање треба да повнимаваме тоа да се одвива по строги протоколи, со строги тестови, бидејќи од повеќе од 480 тестови достапни на пазарот само 14 се валидирани, а само четири се одобрени од Американската агенција за храна и лекови. Ќе треба многу да се внимава, бидејќи многу е важно, доколку се одлучиме за ваков тип на примарен скрининг, сите лаборатории коишто ќе бидат инволвирани во тој скрининг да користат иста методологија и исти тестови за да имаат компарабилни резултати“, истакна Јовановиќ.

    Во однос на вакцините, лекарите потенцираа дека процентот на вакцинирани не е доволен и оти мора да се подигне јавната свест за ХПВ вакцината. Деветовалентната вакцина, се смета за откритие на 21. век.

    Професорката Александра Гроздановска посочи дека се објавуваат многу дезинформации во однос на вакцините.

    „ХПВ вакцината е една од најпосебните вакцини бидејќи станува збор за вакцина којашто покрај тоа што делува на инфективно заболување, а тоа е ХПВ инфекцијата, превенира развој на карционом“, рече Гроздановска, додавајќи оти ракот на грло на матка е втор по карциномот на гради и дека најдобро е да се превенира.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира