Распишан е конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст, со цел да се афирмира современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори. Конкурсот ќе трае до 15 март, и е проект на Министерството за култура и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
„Приоритет ќе имаат текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања“, вели Министерстовото.
Пријавените текстови ќе ги разгледува и оценува посебна комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на предлог од Фестивалот. Тие ќе направат избор на најмногу 3 македонски драмски текстови.
„Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120 илјади денари. Неизбраните драмски текстови ќе им бидат вратени на авторите. Воедно ќе спроведе и соодветна постапка за објавување и поставување на откупените македонски драмски текстови“, додаваат од Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА