СЕ ТОПИ МНОЗИНСТВОТО НА СДСМ ВО ВЛАДАТА НА КОВАЧЕВСКИ, ЗА ПРВПАТ ПАРТИИ СО ПОМАЛКУ ПРАТЕНИЦИ МОЖЕ ДА ИМААТ ПОВЕЌЕ МИНИСТЕРСКИ МЕСТА

    СЕ ТОПИ МНОЗИНСТВОТО НА СДСМ ВО ВЛАДАТА НА КОВАЧЕВСКИ, ЗА ПРВПАТ ПАРТИИ СО ПОМАЛКУ ПРАТЕНИЦИ МОЖЕ ДА ИМААТ ПОВЕЌЕ МИНИСТЕРСКИ МЕСТАСо 28 пратеници албанските партии ќе имаат ист број министри, ако не и повеќе од СДСМ кој има 40, односно 44 пратеници со коалицијата. Од 118. седница на Владата (Фото: Влада)

    Со 44 пратеници од СДСМ и неговата коалиција, во Владата премиерот Димитар Ковачевски моментално има 11 министерски места, плус Ристо Пенов, вкупно 12.

    Ако барем и само едно место ѝ отстапи од своите редови на Алијанса за Албанците, која треба да влезе во Владата и да го надополни со пратениците парламентарното мнозинство, СДСМ ќе прифати со 44 пратенички места да има 11 ресори, а помалите коалициони партнери (ДУИ, Алтернатива, ДПА и Алијанса), со 28 пратеници вкупно, да имаат 10. А во случај СДСМ и коалицијата да отстапат две министерски места, помалите коалициски партнери ќе имаат мнозинство во Владата.

    Во СДСМ не се расположени многу да зборуваат за ваквата математика. Велат дека лидерот на партијата и премиер Димитар Ковачевски засега не ги консултира. Се знае само дека сите жртвувања се прават за уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ. Нашите соговорници додаваат дека секако мора секој договор на лидерот да биде изнесен и да добие зелено светло од партиските органи.

    Така се очекува по денешната средба на Ковачевски со Арбен Таравари, лидерот на Алијанса, предлозите веднаш премиерот да ги презентира прво пред највисоките органи на партијата.

    Денеска Ковачевски на новинарско прашање одговори дека со претседателот на Алијанса за Албанците ќе разговараат по однос на политичките и програмските определби за идна можна соработка.

    На средбата со Таравари, рече Ковачевски, ќе се разговара за евроинтеграциите, за носење одлуки кои значат побрзо и поефикасно справување со енергетската криза, како и носење реформски закони.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира