За 3.000 прегледи е зголемен бројот на интервенции на екипите на Итната помош од Велес во 2022 споредено со 2021. Во 2021 имале 26.029 прегледи, лани биле 28.865. Или по 79 на ден односно по 3,3 интервенции на час. Ова се кумулативни бројки за лекарските интервенции и во амбуланта и на терен.
„Зголемениот обем на работа во амбуланта се должи на неработењето на матичините доктори преку викенд и ноќна смена. На терен имаме исто така зголемен број интервенции оти голем број села немаат доктори. Имаме голема територија, пациентите бараат здравствена заштита и ни се обраќаат нам и ние сме единствено место каде може да се обратат“, кажа д-р Милка Панова, од Службата за итна помош при Здравствен дом Велес. .
Податоците покажуваат пораст и на прегледите во амбуланта и на терен. Во 2022 година имало 17.137 интервенции во амбуланта , од нив 10.447 биле дневна смена и 6690 во ноќна. За потсетување дека бројките од година во година растат. Во 2021-та имале 14.513 прегледи во амбуланта, од нив 8.597 биле во текот на денот и 5.916 во текот на ноќта. Во 2020-та вработените во службата за Итна помош Велес, имале вкупно 13 574 прегледи во амбуланта или лани имале за 939 повеќе. Во 2019-та година забележани се рекордни 20. 999 прегледи во амбуланта.
Службата за итна помош при во 2022 по барање на пациенти излегла на терен 11.694 пати, од тоа во град 10.412, 8.225 денски и 2.187 ноќна смена, додека во домашна посета во село била 1.282 пати, денски 1.014 и ноќе 268. Или вкупно имале интервенции на терен денски 9.239 и во ноќна смена 2.455. Теренските бројки се однесуваат на населените места од поширокиот Велешки Регион, во кои влегуваат и соседните општини Чашка и Градско, кога екипите по потреба патуваат и до оддалечените села Ореше или Подлес.
„Има сè поголем број заболени од карцином, кои ги посетуваме во домашни услови, имаат потреба од нега. Потоа, населението старее, нема кој да се грижи за нив, бараат помош од доктор. Сè тоа од година в година е во растечки број“, рече д-р Панова.
Во 2022 е намален бројот на повредени при интервенции во сообраќајни несреќи. Имало вкупно 101 повреден. Тука спаѓаат и сообраќајките од делницата на автопатот од Катланово до локалитетот Стоби и обратно. Во 2021 имало 152 повредени при сообраќајки, во 2020 биле 136, а во 2019 биле 122.
Изминатата година во првиот квартал имале 34 интервенции за ковид позитивни пациенти, а потоа поради намалениот број не е водена евиденција за нивно пренесување до Велешката болница.
П. ПЕЧКОВ