Вкупно 235 ученици од основните и средни училишта во Куманово се отпишале од почетокот на учебната 2022/23 година, затоа што со семејствата се отселите во странство или во другите општини во земјата. Повеќе отпишани ученици има во основните училишта и тоа во проценти изнесува околу 2 отсто од вкупниот број на запишани ученици, во однос на средните училишта каде е 1,4 отсто.
„Во учебната 2022/2023 година во општинските основни училишта, со состојба до 02.02.2023 година, се отпишани вкупно 201 ученик од вкупно 10.097 запишани ученици. Од отпишаните ученици, 37 ученици се отпишани поради преселба во друга општина во Република Северна Македонија, а 164 ученици се отпишани поради преселба во друга држава“, велат од Секторот за образование во Општина Куманово.
Во општинските средни училишта се отпишани вкупно 34 ученика од 4.126 запишани ученици. Од нив 18 заминале во странство.
Празнењето на основните и средни училишта во Куманово не е ново, и трае со години, како и во другите градови во државата.
Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ, вели дека причините се добро познати, падот на наталитетот, општинската миграција, но највеќе поради иселувањето на цели семејства од државата.
„Во општинските средни училишта во 2020/21 учебна година имавме 4.508 ученика, лани 4.423 ученика, а оваа година 4.126. Ова е показател дека бројот на ученици постојано опаѓа. Овој тренд е присутен во целата држава, а на тоа не е имуно ни Куманово. По најавите дека од април ќе има олеснувања на безвизниот режим во Германија оваа состојба ќе биде уште поаларманта“, смета Јовановиќ.
Намален број на ученици има и во основните училиште во градот. Секоја година се помалку ученици се запишуваат во прво оддление. Во 2020/21 година запишани се 1.208 првачиња, во 2021/22 – 1.122 ученика, а во 2022/23 – 1.070.
С. НИКОЛИЌ