ХАОС И КОШКАЊЕ НА РАСПРАВАТА ЗА КОСОВО ВО СРПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ, ВУЧИЌ И ОПОЗИЦИЈАТА МЕЃУСЕБНО СЕ ОБВИНУВААТ ЗА ПРЕДАВСТВО

    ХАОС И КОШКАЊЕ НА РАСПРАВАТА ЗА КОСОВО ВО СРПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ, ВУЧИЌ И ОПОЗИЦИЈАТА МЕЃУСЕБНО СЕ ОБВИНУВААТ ЗА ПРЕДАВСТВООпозицијата му порача на Вучиќ дека нема да прифати предавство и ултиматуми (Фото: Н1)

    Излагањето на српскиот претседател Александар Вучиќ за германско-францускиот предлог за нормализирањето на односите со Косово ги вжешти страстите во парламентот, каде што дојде до хаотични ситуации, вербални напади и кошкање помеѓу пратениците, што се закани да прерасне во потежок инцидент и физичка пресметка.

    Дел од опозицијата и Вучиќ меѓусебно се обвинуваа за предавство за време на неговиот долг говор на вонредната седница на парламентот, каде што во еден момент беше развиен голем транспарент со натписот „Не за капитулација“. Опозициските пратеници со своите гласни извици за момент го прекинаа говорот на Вучиќ, па реагираше и обезбедувањето. 

    Предлогот на ЕУ, што го поддржаа и САД, беше претставен во септември и декември, при што Србија инсистира на формирањето на Заедница на српски општини како клучен услов за продолжување на дијалогот. Вучиќ и денеска не го претстави планот во целост, зашто, како што беше кажано, документот има статус на „нон-пејпер“, па за него не се гласа.

    Вучиќ потврди дека 90% од она што излезе во јавност е точно, вклучувајќи ја и точката дека Србија нема да се противи на членството на Косово во Советот на Европа, ЕУ и НАТО.

    Тоа е нешто што ние никако не можеме да го спречиме. За разлика од оние кои сакаат да извикуваат пароли, јас реков дека Србија ќе разговара дури и за најлошите документи, зашто Србија нема право да ги повтори лошите искуства од минатото. Нашата цел е по секоја цена да зачуваме мир и стабилност, да се воздржиме и да не одговориме на провокации“, кажа Вучиќ.

    Тој ја обвини опозицијата дека предала сè и нагласи дека предавство не е опција за него. Расправата во парламентот ќе продолжи и вечерва. 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира