ВТОР СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ ТУРЦИЈА ЗА ПОМАЛКУ ОД 12 ЧАСА, ДОСЕГА НАД 1.200 МРТВИ

    ВТОР СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ ТУРЦИЈА ЗА ПОМАЛКУ ОД 12 ЧАСА, ДОСЕГА НАД 1.200 МРТВИВо Турција се разурнати околу 3.000 згради (Фото: АП)

    Турција извести дека втор силен земјотрес за помалку од 12 часа го погоди југоисточниот дел на земјата, а државните медиуми во Сирија објавија дека се почувствувал и во главниот град Дамаск. Според Американскиот геолошки институт, тој имал јачина од 7,5 степени според Рихтерова скала, а епицентарот бил кај градот Караманмараш, на длабочина од два километра.

    Бројот на загинати во денешниот катастрофален земјотрес во Турција и Сирија надмина илјада и се стравува дека тој ќе биде многукратно поголем. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека само во Турција има најмалку 912 загинати и 5.383 повредени, при што најмногу смртни случаи, 80, има во Газијантеп, сместен 90-ина километри од границата со Сирија.

    Сириските власти кажаа дека во земјата има над 320 мртви и повеќе од 1.000 повредени.

    Во Турција се разурнати околу 3.000 згради. Бидејќи расчистувањето на остатоците продолжува, не знаеме до каде ќе расте бројот на мртви и повредени“, изјави Ердоган, додавајќи дека околу 45 држави од цел свет веќе понудиле и почнале да испраќаат помош, меѓу кои и САД, Русија и Украина.

    Со јачина од 7,8 степени според Рихтерова скала, ова е најсилниот земјотрес во Турција во последните 84 години. Земјотресот од 7,6 степени во Измир во 1999 однесе над 17.000 животи.

    Епицентар бил близу градот Газијантеп на длабочина од 17,9 километри. Тој се случил во 4:17 часот по локално време (2:17 часот по македонско), бил почувствуван и во Либан, Кипар и Израел, а потоа имало уште два со јачина од 6,4 и 6,5 степени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира