Новородено девојче е спасено од урнатините на зграда во северозападна Сирија, уништена во вчерашниот земјотрес, во кој досега загинаа над 7.200 луѓе. Нејзината мајка се породила набргу по катастрофата и потоа починала, изјави еден нивни роднина. Во земјотресот загинале и таткото, четворицата браќа и сестри и вујната на бебето.
Драматичната снимка од возрасен маж кој носи бебе прекриено со прашина откако било извлечено од урнатините е направена во градот Џиндарис. Од болницата во соседниот град Африн кажаа дека девојчето сега е во стабилна состојба, иако била донесена со хипотермија.
„Слушнавме глас додека копавме. Ја расчистивме прашината и го најдовме бебето кое сè уште ја имаше папочната врвка на себе. Ја пресековме и го однесовме бебето во болница“, изјави вујкото Халил ал-Сувади.
Зградата во која што живеело нејзиното семејство е една од 50-те кои биле уништени во Џиндарис во вчерашниот земјотрес од 7,8 степени според Рихтеровата скала. Овој пограничен град се наоѓа во провинцијата Идлиб, која е под контрола на бунтовниците.