„Градот Адијаман каде работиме на пронаоѓање и спасување на евентуално преживеани луѓе не можам да го опишам со други зборови, освен да речам да побарате слики од Хирошима од Втората светска војна, така изгледа“, вели Петар Нолев кој е дел од спасувачкиот тим на битолчани кои веќе шести ден се вклучени во операцијата за спасување на евентуално преживеани луѓе во турскиот град Адијаман.
Тој е еден од најпогодените во катастрофалниот земјотрес кој ги зафати Турција и Сирија.
Петчелниот тим од Битола покрај Нолев, го сочинуваат и Зоран Балуловски, Владо Николовски, Петре Илиоски и Игор Радичовски специјално обучени за пребарување и спасување. Тие се дел Републичките сили на Дирекцијата за заштита и спасување од Македонија која пружа помош во разурнатите региони на Турција.
„Учествуваме во потрага за сапсување на живи луѓе, но досега не сме нашле преживеани. Сè што е пронајдено е мртво. Но, им значат и умнрените, се трудиме да ги извлечеме час поскоро зашто ситуацијата е неподнослива“, вели Нолев.
Градот Адијаман е во близина на сириската граница и скоро целосно е разрушен.
„Само починати и евакуирани, сликата е жалосна. Дел од жителите се враќаат да видат дали им се најдени најблиските. Од сто, дури 99 проценти градот е разурнат и мислам дека цел ќе треба да се сруши. Пред земјотресот имал 400.000 жители, меѓутоа страшно е и нема ништо да функционира за брзо“, додава Нолев.
Во Турција веќе стигна нова екипа која треба да ги замени битолските спасувачи, а потрагата по преживеани продолжува сè додека има и последна надеж.
Ж. ЗДРАВКОВСКА