Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ, НАЈВОЗРАСНИОТ ЛЕКАР ВО МАКЕДОНИЈА, ГО ПРОСЛАВИ 100. РОДЕНДЕН

    Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ, НАЈВОЗРАСНИОТ ЛЕКАР ВО МАКЕДОНИЈА, ГО ПРОСЛАВИ 100. РОДЕНДЕНКако најстар пратеник, д-р Стојановски на 8 јануари 1991 беше првиот претседавач на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Најстариот жив лекар во Македонија, д-р Никола Стојановски, го славеше неговиот 100. роденден. Роден на 8 февруари 1923 во велешкото село Скачинци, дипломирал на Медицински факултет во Белград во 1952, а специјализирал педијатрија во Загреб во 1958. Цел работен век го минал како доктор, а дел од кариерата бил и директор на Велешката болница.

    Д-р Стојановски го открива рецептот за долг и здрав живот.

    „Рецептот е да живееш на мирен начин, да водиш сметка што и како се храниш, колку ќе јадеш. Потоа, да се движиш што повеќе можеш. И да правиш лична гимнастика. Јас работев тибетски вежби, се движев секој ден најмалку половина час во еден правец и исто толку назад, секое утро. Мото ми беше мислата на познат светски пијанист. Тој на прашањето колку време вежба рекол, ако еден ден не работам – сам забележувам, а ако не работам три дена тоа и публика го чувствува. Се држев на тој став, пешачев секој ден освен ако врне иако температурите беа и минусни“, кажа д-р Стојановски.

    Од министерката за труд и социјала Јованка Тренчовска доби подарок, портрет изработен од академскиот сликар Ангел Коруновски. (Фото: СДК.МК)

    Д-р Стојановски како учесник е жив сведок на штрајкот на велешките гимназијалци од март 1942, против користењето на бугарскиот јазик во наставата. Како учесник во НОБ тој е актуелен претседател на Сојузот на Борците на Македонија. Како најстар пратеник, на 8 јануари 1991 беше првиот претседавач на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија.

    „Се сеќавам на тоа турбулентно време. Секоја партија сакаше да преовладува, нивните ставови да се слушнат. Првпат повеќепартиски Парламент. Но морав смирено да ја водам седницата, да ги сослушам, да се почитува редот. Сè до изборот на Стојан Андов за претседател, успевав да го задржам редот во салата“, кажа д-р Стојановски.

    За него како доктор педијатар, велешани без исклучок имаат убави и пофални зборови.

    „Мое беше да дадам помош, дали дење, дали ноќе. Станував и во ноќта, штом ме повикаат одев. Одев и по селата, ноќе. Работев посветено на секој пациент, за мене сите беа исти“, вели д-р Стојановски.

    За него избрани, пофални зборови кажа и д-р Никола Софијанов, педијатар и детски невролог.

    „Д-р Никола Стојановски беше познат како педијатар, беше услужлив, работлив и човек со големо спокојство кое го емитираше и даваше кон неговите пациенти – децата. Забележително кај него беше што беше љубопитен. Доаѓаше кај нас во Детска клиника, се интересираше за новостите во медицината. Тој се надградуваше и тоа допринесе да ги доживее овие негови години“, рече д-р Софијанов.

    Д-р Никола Стојановски има зад себе и повеќе научни трудови од областа на здравството. Меѓу нив и книгата „Здравствената култура во Велес и Велешко до крајот на 20. век“.

    Од министерката за труд и социјала Јованка Тренчовска доби подарок, портрет изработен од академскиот сликар Ангел Коруновски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира