САД веруваат дека летечките објекти соборени над САД и Канада во петокот и саботата се балони, според лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер. Двата неидентификувани летечки објекти беа соборени откако претходно месецов САД собори кинески шпионски балон.
Иако не кажа дека двата соборени објекти се кинески, Шумер денеска изјави дека Пекинг веројатно користи повеќе балони кои веќе биле ширум светот.
Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска потврди дека над Јукон на северот на Канада е соборен летечки објект. Во акцијата учествувале американски и канадски авиони. Претходно, американската авијација собори објект со големина на автомобил над Аљаска.
Шумер вели дека шпионски балони оперирале со години и дека Конгресот треба да испита зошто САД дури сега дознале за нив.
„Сè до пред неколку месеци не знаевме за овие балони. Нашите разузнавачи и нашата војска не знаеја“, кажа тој.