ПО 30 ГОДИНИ, ОД МАРТ ЌЕ ИМА КИНО ВО ШТИП

    ПО 30 ГОДИНИ, ОД МАРТ ЌЕ ИМА КИНО ВО ШТИПМултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип чија сала почна да се адаптира во кино.  (Фото: СДК.МК)

    По 30 години, од крајот на март или почетокот на април во Штип повторно ќе има кинопроекции. Почна да се адаптира салата на новиот мултимедијален центар „Киро Глригоров“ каде порано беше старото летно кино.

    „За новото кино Општина Штип склучи договор за закуп на 3 години со фирмата ‘Киноверзум’  од Свети Николе, која веќе има кино сали во овој град и во Велес“, вели секретарката на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова.

    Закупецот во новото штипско кино ќе инвестира околу 100.000 евра затоа што, како што велат од „Киноверзум“, салата бара посериозна адаптација и инсталирање нова и современа опрема и инвентар за поголема комоција на посетителите.

    „Од тие причини, наместо 130 седишта планираме да има помалку, околу 100, заради подобра удобност на гледачите. За потребите на киното во Штип веќе се нарачани столиците, а предвиден е посебен влез и простор и за лицата со хендикеп, па така на долниот партер ќе има паркиралишта за неколку колички. Киното ќе располага со проектор од странство од најновата генерација, што ќе биде прв ваков современ апарат во Македонија. Покрај професионалното озвучување, штипското платно ќе биде најмалку исто или малку поголемо од платната во Свети Николе и Велес што ќе се определи според проекцијата на новиот проектор“, вели Стефан Ѓорчев од „Киноверзум“.

    Според раководството на „Киноверзум“, се планираат неколку кинопроекции во денот почнувајќи од 18 часот, а во викендите се предвидуваат повеќе прикажувања почнувајќи од 12 часот. Ќе се стартува со премиера на еден од најновите филмови, а по некои поводи ќе има и прооекции на некој од старите популарни филмови од домашната и странската продукција.

    Старата киносала во центарот на Штип престана со работа во времето на трансформациите кога просторот се приватизираше и се преадаптира во маркет, а старото летно кино во месноста Бриони згасна и пред тоа, речиси пред четири децении. Штипјани велат дека е добро што на местото на старото летно кино се изгради нов современ објект со сала, па целиот објект прерасна во мултимедијален центар и го доби името на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира