Освојувачот на најголемиот џекпот во историјата на американската лотарија кажа дека е шокиран и екстатичен, откако официјални лица го открија неговиот идентитет, како што налагаат законите во Калифорнија.
Едвин Кастро го купил тикетот кој ја донесе рекордната добивка од 2,04 милијарди долари на извлекувањето на 8 ноември. Место да ја прима севкупната сума во годишни исплати во следните 29 години, Кастро се одлучил за еднократна исплата од 997,6 милиони долари, што најчесто го избираат добитниците.
Кастро одби да се појави на прес-конференцијата организирана од лотаријата, на која беше соопштено неговото име, што е задолжително според законите во Калифорнија. Во писмена изјава, тој кажа дека е среќен што лотаријата собрала рекордни 156 милиони долари за јавното школство.
„Шокиран сум што го освоив џекпотот на Пауербол. Како некој кој се образувал низ јавниот школски систем на Калифорнија, пресреќен сум што и тој ќе има големи придобивки од мојата добивка“, кажа Кастро.
Тој го купил добитниот тикет во продавница во Алтадена, чиј сопственик беше награден со милион долари.