РУСИЈА ЈА ОБВИНИ УКРАИНА ДЕКА ПЛАНИРА ДА ГО НАПАДНЕ ОТЦЕПЕНИОТ МОЛДАВСКИ РЕГИОН ТРАНСНИСТРИЈА

    РУСИЈА ЈА ОБВИНИ УКРАИНА ДЕКА ПЛАНИРА ДА ГО НАПАДНЕ ОТЦЕПЕНИОТ МОЛДАВСКИ РЕГИОН ТРАНСНИСТРИЈАЗеленски кажа дека Украина е подготвена да ѝ помогне на Молдавија околу ситуацијата со Транснистрија

    Руското министерство за одбрана ја обвини Украина дека планира да изврши инвазија на отцепениот проруски регион во Молдавија, Транснистрија, за што како повод би ѝ послужила инсценирана операција. Како што објави руската новинска агенција РИА, Украина планира да организира напад од наводни руски сили од Транснистрија како изговор за инвазијата.

    Во исто време, агенцијата ТАСС го цитираше рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин дека западот ја посоветувал молдавската влада да ги прекине сите контакти со управата во Транснистрија, која е поддржана од Москва.

    Кремљ неодамна потврди дека руските односи со Молдавија се многу тензични и ја обвини земјата дека спроведува противруска агенда. Набргу потоа, Владимир Путин отповика указ од 2012 со кој делумно се поддржуваше суверенитот на Молдавија при решавањето на иднината на Транснистрија.

    Молдавската претседателка Маја Санду пред неколку дена откри дека Русија планирала да изврши државен удар за да ја собори владата во Кишинев и да ја вовлече Транснистрија во војната. Володимир Зеленски кажа дека Украина е подготвена да ѝ помогне на Молдавија околу ситуацијата со Транснистрија, додавајќи дека е свесен за руските намери да ја дестабилизира земјата.

    Транснистрија, каде што се зборува руски, се отцепи во 1990, една година пред распадот на Советскиот Сојуз, поради стравот дека Молдавија и Романија би можеле да се спојат. Од кратката војна во 1992 таму немаше насилства.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира