Владимир Путин кажа дека Русија ќе посвети зголемено внимание на зајакнувањето на своите нуклеарни сили, обраќајќи се на државниот празник Денот на бранителите на татковината, ден пред првата годишнина од почетокот на инвазијата на Украина.
Ова уследи два дена откако Путин го суспендираше учеството на Русија во последниот преостанат договор за намалување на стратешкото нуклеарно вооружување со САД, попознат како „Нов старт“, што Џо Бајден го опиша како голема грешка.
„Како и досега, ќе посветиме зголемено внимание на зајакнувањето на нашата нуклеарна тријада“, кажа Путин, алудирајќи на копнените, воздушните и поморските проектили.
Во два свои говора во септември, Путин навести дека ако биде потребно, би употребил нуклеарно оружје за да ја одбрани Русија.
Тој најави дека интерконтиненталните балистички проектили „сармат“ за првпат ќе бидат распоредени оваа година. Тие имаат способност да носат повеќе нуклеарни глави.
„Ќе продолжиме со масовното производство на хиперсоничните воздушни проектили ‘кинжал‘ и ќе почнеме со масовното снабдување со хиперсоничните поморски проектили ‘циркон‘“, стои во изјавата на Путин, објавена од Кремљ.
Русија утре ќе почне воени вежби со Кина и Јужна Африка, при што испрати фрегата опремена со хиперсонични проектили.