Околу 1.200 маскирани лица од земјава и странство ќе бидат дел од големото карневалско дефиле кое ќе се одржи в сабота навечер по струмичките улици. Со симболичното предавање на клучот на градот од градоначалникот Костадин Костадинов на организаторите, почнаа осумдневните карневалски активности во Струмица кои треба да привлечат илјадници посетители.
Освен големиот и детскиот карневал закажани за викендов, во наредните денови до први март предвидени се изложби, концерти, маскенбали, фестивал на афоризам и карикатура, како и презентација на обичаите за празникот Тримери.
„Со многу радост го предавам Клучот на градот во рацете на струмичките карневалисти кои до среда ќе бидат стопани на Струмица. Иако станува збор за симболика, сепак треба да се знае дека и со клуч и без клуч, Струмица секогаш е отворена и гостопримлива за сите добронамерници и од земјава и од странство“, кажа градоначалникот Костадинов.
Годинава на карневалот ќе настапи 41 група од земјава и од Србија, Босна, Хрватска, Црна Гора, Грција, Бугарија и Албанија. Од земјава, групни маски ќе има од Радовиш, Кавадарци, Куманово, Пробиштип, а од Струмица ќе се престават повеќе карневалски здруженија и речиси сите основни и средни училишта.
„Покрај тоа што повеќе од 30 години го градиме и афирмираме Струмичкиот карневал, ме радува фактот што карневалскиот дух се всадува кај младите, што е гаранција дека ова манифестација ќе има своја иднина. Ветуваме дека ќе направиме уште едно убаво издание и дека овие денови на наша власт, Струмица ќе биде со отворено срце за сите кои ги сакаат и почитуваат карневалските свечености“, кажа Александар Цицимов, претседател на градскиот комитет за Струмица на Европската федерација на карневалски градови (ФЕКК).
Струмичкиот карневал е врзан со празникот Тримери, денот на штотуку свршените струмичани кои своевремено одеа маскирани по домовите на своите своите избранички кои имаа за задача да ги препознаат под маска.
В. ТРАЈКОВ