За Русија, ова беше година на жестоки обвинувања и бомбардирања, понижувачки повлекувања и уништувачки опсади. Украина возврати со жилав отпор, изненадувачки противофанзиви и ненадејни удари. Една година од почетокот на инвазијата, која однесе десетици илјади животи, двете страни се подготвуваат за потенцијално уште поуништувачка фаза.
Русија неодамна ги засили напорите да го освои источниот регион Донбас, додека западните сојузници му помагаат на Киев да лансира поширок, поамбициозен напад некаде долж 1.000 километри долгиот фронт. За таа цел, Украина очекува модерни тенкови и друго оружје.
Она што не е на повидок се преговори и разврска на конфликтот, кој само уште повеќе се продлабочува и заострува. Путин е цврсто решен да ги исполни своите цели, додека Украина не се откажува од ниедна своја територија.
Експертите предупредуваат дека најголемиот европски конфликт од Втората светска војна би можел да трае со години и дека би можел да доведе до директен судир помеѓу Русија и НАТО.
Кога пред една година ја лансираше „специјалната воена операција“, Путин очекуваше да ја заврши брзо и мазно, а неговите сили шест месеци не можат да го освојат Бахмут, чие стратешко значење се доведува во прашање. Во борбите во источна Украина, двете страни трошат муниција до ниво што не е видено со децении.
Иако западот и Украина очекуваат широка руска пролетна офанзива, дури и влијателните руски аналитичари сметаат дека таа би била катастрофална за Русија.
„Секоја офанзива од големи размери брзо и неизбежно ќе повлече огромни загуби и ќе ги исцрпи ресурсите акумулирани во мобилизацијата“, смета Игор Стрелков, поранешниот руски офицер кој ги предводеше сепаратистичките сили во Донбас.
Во исто време, угледниот украински воен аналитичар Игор Жданов смета дека Украина ќе биде подготвена за противофанзива дури кон крајот на април или во почетокот на мај.
„Ако украинските сили стигнат до брегот на Азовското Море, тоа ќе ги поништи сите руски успеси“, вели Жданов.
Има многу сценарија за тоа како војната би можела да заврши, а најверојатното е дека никој нема да превладее на бојното поле и уште долго време нема да има формален мир. Путин нема намера да ги предаде досега освоените територии, што неодамна го нагласи кога кажа дека Русија води битка за своите историски граници. Исто така, и покрај големите жртви, неговата војна и натаму ја поддржуваат дури 75% Руси, покажа истражување од минатиот месец.