ДОЈАВА ЗА БОМБА ВО ОХРИДСКИОТ СУД, ВРАБОТЕНИТЕ И СТРАНКИТЕ ЕВАКУИРАНИ

    ДОЈАВА ЗА БОМБА ВО ОХРИДСКИОТ СУД, ВРАБОТЕНИТЕ И СТРАНКИТЕ ЕВАКУИРАНИЕкипи на охридската полиција, Брза помош и Охридската пожарна се на терен. (Фото: СДК.МК)

    Рано утрово на електронската пошта на Основниот суд во Охрид стигнала дојава за поставена бомба по што вработените и комплетниот персонал во Судот беа евакуирани од просториите.

    „Денеска во 7:50 часот во СВР Охрид пријавено e дека на електронската адреса на Основен суд Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектот и во тек се антитерористички проверки“, соопштија од СВР Охрид.

    Екипи на охридската полиција, Брза помош и Охридската пожарна се на терен.

    Анонимни дојави за поставени бомби изминатиов период има во средни и основни училишта, но и во институции и трговски центри, претежно во Скопје и Прилеп.

    Инаку, во Основниот суд во Охрид за утре е закажано судско рочиште за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид. На лицето кое е обвинето за нападот ќе му се суди за кривично дело напад од омраза со тешки повреди.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира