ФИРМАТА КОЈА ГИ АСФАЛТИРАШЕ ШАХТИТЕ НА УЛИЦА КОЗАРА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕРАСИМОВСКИ ЈА ИЗБРА ДА ЈА РЕКОНСТРУИРА ЛЕНИНОВА ЗА 670.000 ЕВРА

    ФИРМАТА КОЈА ГИ АСФАЛТИРАШЕ ШАХТИТЕ НА УЛИЦА КОЗАРА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕРАСИМОВСКИ ЈА ИЗБРА ДА ЈА РЕКОНСТРУИРА ЛЕНИНОВА ЗА 670.000 ЕВРАУлицата Козара (лево) после првото асфалтирање беше одново раскопана оти беше неквалитетно направена, но и сега е полна со дупки и Општината одново ќе ја санира. (Фото: К. Попов)

    Фирмата „Гама градба“, која ги асфалтираше шахтите на улица Козара во скопски Капиштец и во повеќе наврати ја раскопуваше целата улица оти не беше добро изведена, ќе ја реконструира улицата Ленинова. Истата фирма и по второто асфалтирање несоодветно ја изведе улицата Козара и таа сега пак е полна со дупки. И градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во неколку наврати, по реакциите на граѓаните и објавите во медиумите, велеше дека изведувачот не ја асфалтирал улицата квалитетно и најавуваше казни за него. Но, и покрај toa, не само што нема казни за изведувачот туку доби уште еден тендер од Општина Центар за 670.000 евра.

    Реконструкцијата чини 35 милиони денари без ДДВ. Изведувач на работите е компанијата „Гама градба“. Рокот за завршување на работите е 180 денови, односно 6 месеци од почетокот на реконструкцијата“, ни одговорија од Општина Центар на нашите прашања кој ја реконструира улица Ленинова.

    Градоначалникот Горан Герасимовски денеска не одговараше на нашите повици ниту на прашањата испратени преку вибер, зошто „Гама градба“ е избрана за изведувач и покрај катастрофалното работење и големиот број поплаки од граѓани, но и зошто не добиле негативна референца за да не можат да конкурираат на тендери?

    Градежните работи на Ленинова почнаа минатата недела на потегот од булеварот Партизански одреди со крстосницата со Теодосиј Гологанов. Тогаш градоначалникот Горан Герасимовски не кажа колку ќе чини изведувањето и која фирма ќе ја реконструира.

    Гама градба“ за реконструкцијата на Козара доби 130.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира